На ден 10.06.2016 година (петок), во периодот од 18.00-22.00 часот во реонот на Дојран се реализира свечена офицерска вечера помеѓу припадниците на Армијата на Република Македонија и Вооружените сили на Обединетото Кралство заради одбележување на 100 годишнината од Дојранската битка на Македонскиот фронт во I светска војна.
Настанот се реализираше во склоп на 5 дневното студиско патување на 104-та бригада за логистичка поддршка на Вооружените сили на Обединетото Кралство, чии 85 офицери и подофицери ги посетија реоните на борби на Македонскиот фронт во Грција и Македонија каде пред 100 години единиците и војниците чии традиции ги продолжуваат изведуваа борбени дејствија во I светска војна.
Домаќинот на вечерата, бригадниот генерал Сајмон Хачингс, за време на здравицата, истакна дека Армијата на Република Македонија е добар пријател на Британската војска и дека имаат добра меѓусебна соработка, каде што јазикот не претставува бариера, и многу лесно е заеднички оперативно да се делува заради сличната опрема, тактика и процедури. Истиот истакна дека на тактичко-оперативно ниво двете армии може да соработуваат рамо до рамо без посебни проблеми.
Заменик Командантот на Здружената Оперативна Команда на Армијата на Република Македонија, бригаден генерал Павле Арсоски, исто така наздрави за плодната соработка на Армијата на Република Македонија со Вооружените сили на Обединетото Кралство. Тој ги потсети британските колеги дека на просторот на Македонскиот фронт, животите ги загубија голем број на македонци кои биле насилно регрутирани и принудени да се борат на фронтот во состав на три различни војски: српската, бугарската и грчката и дека голем дел од нив се бореле против своите сонародници од другата страна. Понатаму, бригадниот генерал Арсоски истакна дека за време на борбените дејствија целата територија на Македонија била претворена во војиште, што резултирало со голем број на разурнати села и градови, цивилни жртви и присилно раселени лица.
Свечената офицерска вечера помина во традиционален британски офицерски стил. Истата беше одлична прилика за продлабочување на традиционалното пријателство помеѓу припадниците на двете армии и форум за отворање на полиња за понатамошна соработка на идните борбени полиња за зачувување и зацврстување на светскиот мир.
На свечената офицерска вечера, присуствуваше и Амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија. Вечерата беше организирана од страна на Амбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија, а самата реализација беше потпомогната и логистички поддржана од Армијата на Република Македонија. Јадењето за вечерата беше приготвено од страна на 7 воени готвачи од 167-от полк за кетеринг, кои допатуваа од Велика Британија специјално за оваа пригода. Дел од офицерите и подофицерите на 104-та бригада за логистичка поддршка ги служеа останатите гости, како воени келнери од I светка војна. Гостите за време на вечерата беа забавувани со музика од страна на Воениот оркестар на Армијата на Република Македонија.