Министерот за одбрана, Владо Мисајловски заедно со Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска ги посетија припадниците на баталјонот на Специјални сили – Волци во касарната „Илинден“ во Скопје.
За време на посетата министерот Мисајловски беше брифиран за историјатот на единицата, мисиите и задачите кои ги остварува, учеството во мировните операциите како и операциите за заштита на источното крило на Алијансата мисијата eVA.
Министерот Мисајловски во разговор со припадниците на единицата упати искрена благодарност за нивната служба и непоколеблива посветеност.
„Вие сте инспирација и херои на нашата нација. Чест и привилегија ми е да застанам пред вас припадници на најелитната единица на Армијата. Наши чувари на мирот, олицетворение на храброст и посветеност во службата значајни за Армијата и за граѓаните“ рече министерот Мисајловски и додаде дека ќе направи се за оваа, но и за останатите единици на Армијата да бидат на уште повисоко ниво на подготвеност и опременост.
При посетата, министерот Мисајловски имаше можност да се запознае со дел од опремата која ја користат припадниците на единицата и да ги посети објектите на баталјонот на Специјални сили.