Денес, во просториите на Генералштабот, делегација од Армијата предводена од директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски одржа штабни разговори со делегација од Република Франција.
Содржината на разговорите беше насочена кон зајакнување на билатералната воена соработка и развој на одбранбените капацитети и способности на Армијата.
На средбата беа опфатени неколку клучни теми: учеството на нашата Армија во меѓународни мировни операции и мисии предводени од НАТО, ЕУ и ООН, заедничките предизвици за регионалната безбедност и продлабочување на соработката во доменот на заедничка обука и вежби. Воедно се разговараше за проектот за набавка и обука за противвоздушниот ракетен систем за многу ниски височини „Мистрал 3“, кој за потребите на Армијата се набавува од Република Франција. Овој систем претставува значаен чекор кон модернизација на нашите одбранбени капацитети и способности, а француските партнери ќе обезбедат соодветна обука и поддршка за нашиот персонал.
Овие активности се дел од нашите напори за зајакнување на одбранбените капацитети и способности како и зголемување на интероперабилноста со нашите сојузници од НАТО, со што се обезбедува мирот и стабилноста на регионот и пошироко. Во тој контекст, двете страни го потврдија своето силно залагање за продолжување и продлабочување на соработката во духот на партнерството и заедничките безбедносни интереси.