Во период од 16 септември до 10 октомври 2024 година, во Одделот за медицинска обука (ОМО) при Военомедицинскиот центар (ВМЦ), се реализираше „Основен и напреден курс за животоспасувачи“. Покрај припадници на Армијата учество на курсот зедоа и припадници на единиците ЕБР, САЕ ТИГАР и ПЕП од Министерството за внатрешни работи. Слушателите теоретски и практично совладаа знаења и вештини при предболничко згрижување на повредени и заболени, нивно животоспасување во случај на медицинска итност, ургентен третман, тријажирање, евакуација и брз транспорт до соодветна медицинска установа. Стекнатите индивидуални и тимски знаења, способности и капацитети, слушателите ги презентираа на завршна вежба, која беше изведена пред претставници од командата на ВМЦ и од единиците на МВР, по што командантот на ВМЦ на слушателите им додели сертификати. Стекнатите знаења, техники и вештини се значајни за слушателите на курсот за нивно професионално усовршување, како и за потребите на нивните единици.