Денеска во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорките на Канада и Украина Мишел Камерон и Лариса Дир и високи воени претставници од Канада и Полска, генерали на Армијата, претставници на воено дипломатскиот кор присуствуваа на Денот за високи гости и затворањето на вежбата „Maple Arch 24“, која се реализира во нашата држава од 25 ноември, во Центарот за симулации во Велес и на армискиот полигон „Криволак“.
Министерот Мисајловски истакна дека оваа вежба, која се реализира по 25-ти пат и на која учествуваат повеќе од 600 припадници од четири сојузнички и две партнерски земји, се разликува од сите претходни поради комбинацијата на компјутерска симулација и реализација во теренски услови, со што се заокружува еден процес на изведување вежби.
„Она што го гледаме тука во Велес и активностите кои се одвиваат паралелно на „Криволак“ се најголемиот доказ дека македонската Армија нуди услови и можности за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди“, истакна Мисајловски и додаде дека соработката меѓу армиите директно влијае на зајакнување на интероперативноста, но и на безбедноста.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски во своето обраќање истакна дека оваа вежба претставува доказ за нашата цврста и јасна посветеност во зајакнувањето на интероперативноста помеѓу сојузниците и партнерите, која бара исклучителна посветеност, обука, континуитет и секако доверба.
„Ова може да се постигне само преку силна кохезија меѓу сојузниците, настапувајќи под мотото на вежбата „заедно посилни“. Тоа значи дека нови искуства можеме да постигнеме преку интегриран тренинг и вежбање. За зајакнување на врските со сојузниците и партнерите неопходно е да користиме сложени оперативни сценарија во мултинационална рамка“, рече генералот Лафчиски.
Канадската амбасадорка Мишел Камерон најнапред упати благодарност до македонската армија и држава за извонредната поддршка за изведување на вежбата и потенцираше дека оваа вежба го покажува единството и ја потврдува заедничката посветеност кон глобалниот мир, стабилностa, заедничките вредности и партнерството во НАТО и дека само заеднички и со проактивен пристап ќе придонесеме за помирен и побезбеден свет.
Мултинационалната вежба „Maple Arch 24“ е вежба на која учествуваат околу 600 припадници од македонската Армија и припадници на Вооружените сили на Канада, Полска, Литванија, Украина и Грузија. Вежбата е спонзорирана и поддржана од страна на Директоратот за воена обука и соработка на Вооружените сили на Канада.