Припадници на специјалната единица Волци во период од 09 до 12.09.2025 година во касарната Илинден ја завршија првата официјална обука за оператори на дрон. Дронот кој се користеше е Серџе 1 произведен од турската компанија Аселсан. Обуката беше продолжена на армискиот полигон Криволак од 15 до 19.09.2025 година, при што дроновите беа користени во сите временски и климатски услови, вклучително и оперирање во услови на ниска видливост, ноќе и за време на високи температури и силен ветар. Воедно беа тестирано максималните можности на дроновите и нивната оперативна способност. Врв на обуката и тест за обученоста на припадниците беше и учеството на методско показната вежба како дел од меѓународната вежба Operation Cold Peak 2025 со припадници од армијата на Република Унгарија, каде што симултано беа употребени два дрона од унгарските специјалци и три дрона од специјалната единица Волци. Два дрона беа употребени како ISR платформа за извидување и набљудување од голема височина, додека останатите дронови беа користени како блиска поддршка за извидување и наведување на тимови во напредување при извршување на специјални задачи. Обуката беше извршена од страна на мајор Златко Стојановски, долгогодишен ентузијаст, конструктор и оператор на беспилотни летала, припадник на специјалната единица Волци.











