Денес 28.04.2015 година пред споменикот на загинатите припадници на баталјонот за специјални намени „ВОЛЦИ“ во касарната „Илинден“ беше одржан помен на загинатите припадници од единицата во Вејце.
Пред споменикот на загинатите Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костевски букет со свежо цвеќе положија припадниците од баталјонот, семејствата на загинатите, делегација на ГШ на АРМ, полкот за специјални операции (пСО), 1. механизирана пешадиска бригада, поранешни припадници на баталјонот за специјани намени (бСН), Единицата за брзо распоредување на МВР – „Тигар“, единици кои се лоцирани во касарната „Илинден“ и други.
Делегации од баталјонот како и од пСО положија свежо цвеќе на спомен обележјата во Македонска Каменица, Драчево, Бунарџик и Куманово. Како дел од одбележувањето на поменот во касарната „Илинден“ се реализираше доброволно дарување на крв каде беа собрани 30 крвни единици.
Во своето обраќање командантот на бСН изнесе дека овој ден не претставува само ден – помен, овој ден прерасна како нов ден на „волците“, ден за мотивација, ден на собирање на сите припадници, поранешни и сегашни, припадници кои што во своето срце ја носат Македонија. Тој напомена дека како најосновна вредност на единицата остануваат стандардите кои што се постигнати со пот и крв. Своето обраќање го заврши со пораката дека „Нема посвето нешто во ниеден момент во животот, да се живее, работи, твори и да се загине за својата Татковина, да се загине за и со своето семејство“, обраќајќи се директно кон припадниците на бСН, потенцираше: „Волци – нашето минато е нашето искуство, нашата сегашност е нашиот подарок, но нашата иднина е нашата мотивација“.