Денес, 24 ноември, во Военомедицинскиот центар во Скопје, согласно програмата за соработка помеѓу македонската Армија и Армијата на САД за развој на капацитети и способности, а со поддршка на воената делегација на САД во нашата држава, се изврши анализа по извршено дејство на тимот за психолошки операции од составот на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) кој учествуваше во вежбата „Saber Junction 25“.
Активноста се реализираше во соработка со претставници од Регионалниот тим за информациска поддршка – PSY DET Balkans на Армијата на САД, распореден во Црна Гора. За време на настанот се отвори плодна дискусија и се разменија искуства поврзани со подготовките на тимот за психолошки операции и беше разгледана можноста за вклучување на PSY DET Balkans во подготовките на македонскиот тим за претстојното НАТО оценување на борбената готовност на ЛПБГ, кое ќе се реализира следната година за време на вежбата „Блесок 26“ на армискиот полигон „Криволак“.
Оваа активност е уште една потврда за одличната билатерална соработка помеѓу македонската Армија и Армијата на САД.








