Согласно Планот за билатерална соработка со Република Италија за 2025 година, во период од 27.10. – 07.11.2025 година во Домот на Армијата се реализираше семинар од доменот на цивилно – воена соработка (ЦВС), на тема „CIMIC Tactical Operator“.
Воведен збор имаше началникот на Ј-9/ГШ на Армијата, полковник Арбен Јакупи, при што истакна дека наведената активност е дел од континуираниот процес за исполнување на НАТО целите на способности за градење на капацитетите на Армијата во делот на ЦВС. Воедно изрази благодарност до присутните гости од Република Италија за досегашната соработка.
Делегацијата на Република Италија беше предводена од тим за ЦВС од составот на Multinational CIMIC Group – MNCG, Motta di Livenza, Italy. Со оглед на фактот дека Република Италија учествува на бројни мисии и операции предводени од НАТО и ЕУ во регионот на Балканот, Африка и Блискиот Исток, располагаат со исклучително искусен персонал кој учествувал на мисии поврзани со ЦВС. Тимот што го реализираше семинарот несебично го пренесе своето знаење и искуство преку бројни вежби во групи, за време на кои персоналот од Армијата покажа висок степен на подготвеност и посветеност за подобрување на индивидуалните способности за ЦВС за време на учество во мисија. На семинарот учествуваа 30 припадници на Армијата кои се поставени на соодветни должности за ЦВС.
Активноста е продолжение на досегашната плодна соработка и реализација на билатерални средби со Република Италија, кои се планирани да продолжат и во текот на 2026 година.








