Делегација од мисијата на НАТО во Косово-„КФОР“, предводена од командантот на КФОР, генерал-мајор Анџеле Микеле Ристуча, денес престојуваше во работна посета на генералштабот на Армијата и министерството за одбрана.
Делегацијата за време на престојот, оствари состанок со Директорот на Генералштабот, бригаден генерал Симеон Трајковски на кој присуствуваа и дел од началниците на секции, по што следуваше состанок со министерката за одбрана Славјанка Петровска.
За време на работниот состанок во генералштабот е разговарано за безбедносната состојба во регионот, активностите на составите на Армијата кои учествуваат и извршуваат задачи во оваа мисија во состав на регионалната команда запад, соработката со силите на КФОР во однос на актуелните безбедносни ризици и закани, како и нашиот понатамошен ангажман во мисијата и други заеднички активности.
За време на редовната работна посета, делегацијата на КФОР во текот на денот ќе оствари посета и на останати државни институции, со кои командата на оваа НАТО операција соработува во областа на безбедноста, со цел јакнење на регионалната стабилност.
Редовните состаноци помеѓу командата на КФОР и Генералштабот кои се одржуваат неколку пати во текот на годината се особено значајни и неопходни за одржување на безбедноста и стабилноста во целиот регион.
Армијата на Република Северна Македонија директно учествува во КФОР, со штабни офицери во главната команда на мисијата и два вода за обезбедување во регионалната команда на КФОР-„Запад“.
Покрај директното учество, континуирано од почетокот на операцијата, преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин обезбедуваме и логистичка поддршка на силите на КФОР при царински и гранични процедури на транспортите на НАТО.