Делегација предводена од главниот подофицер на Командата на Вооружените сили на САД за Европа и Африка (USAREUR-AF), главен наредник Џеремаја Инман се наоѓа во дводневна работна посета на Армијата на Република Северна Македонија.
Главниот наредник Инман, со својот домаќин, главниот подофицер на Армијата, главен наредник Бране Петрески остварија средба со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на која е истакнато значењето кое го има соработката на ова ниво, за обуката во нашата Армија и севкупно за развојот на подофицерскиот кор.
За време на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае и со тековните активности, изведувањето на обука и опремувањето на декларираните единици на Армијата во НАТО, лесната пешадиска баталјонска група, планираните идни активности на Армијата, ангажирањето на заедничка обука и вежби со USAREUR-AF, користење на капацитетите на АП „Криволак“, како и статусот на подофицерскиот кор.
Во рамки на работниот престој, подофицерите ја посетија Командата за операции каде беа примени од командантот, бригаден генерал Бесник Емини, а за време на посетата на Командата на 1.пешадиска бригада, по приемот кај командантот, бригаден генерал Сашко Лафчиски, главниот подофицер на USAREUR-AF, главен наредник Џеремаја Инман имаше можност да се обрати пред слушателите на „Програмата за лидери“.
За време на посетата, на која учествуваа и главните подофицери од Армијата кои имаат завршено на Академијата за подофицери во САД, беа разменети искуства на теми поврзани со активностите на подофицерскиот кор.