Денес, 18 октомври 2025 година, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, изврши посета на припадниците на 173-та воздухопловна бригада на Армијата на САД, кои со поддршка од Армијата на Република Северна Македонија, во периодот од 06 до 28 октомври 2025 година, на АП Криволак ја реализираат вежбата „Junction City 2025“.
Во рамки на посетата, генералот Лафчиски, во придружба на командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чипланковски, ги посети и припадниците на Армијата кои заедно со припадниците на четата од 1. пешадиски баталјон/152. пешадиска регимента/механизираната бригада ,,Сасари“ на Вооружените сили на Република Италија, во периодот од 08 до 24 октомври 2025 година изведуваат обука на АП Криволак.
Воедно, генерал Лафчиски оствари средба и со потполковник Андреа Ди Лауро, командант на 1. пешадиски баталјон/152. пешадиска регимента, при што беше информиран за процесот на планирање, подготовка, организација и реализација на тактичка вежба со командирско гаѓање со чета на тема „Засилена чета во напад“.
Реализацијата на заедничките обуки со припадници на вооружените сили на сојузничките земји од Алијансата претставува континуирана активност чија цел е проширување на знаењата, надградување на способностите на припадниците на Армијата, како и зголемување на интероперабилноста, оперативната способност и подготвеноста помеѓу сојузниците.