Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој е дел од македонската делегација, која е во работна посета на Унгарија, денес оствари средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Унгарија, генерал Габор Беренди.
За време на средбата беше разгледана досегашната соработка помеѓу двете армии, пред сè во рамките на реализираните заеднички обуки и вежби, како и можноста за продлабочување на оваа соработка, вклучително и во областа на одбранбената индустрија.
Во рамките на оваа средба, особено внимание беше посветено на соработката во доменот на специјалните сили, која значително се интензивира во изминатиот период. При ова беше истакната вежбата „Operation Cold Peak 25“, која годинава истовремено се изведе на армиски полигони на македонско и унгарско тло и имаше за цел да ја подобри интероперабилноста во планинското војување, воената алпинистика и јазење, употребата на дронови при изведување на специјални операции и блиска борба во урбана средина.
Дополнително, беше нагласено дека билатералната соработка помеѓу двете земји покрај на воено, потврдена е и на хуманитарно ниво, при што беше истакната помошта и поддршката што Унгарија ѝ ја даде на нашата држава во справување со пожарите, како и транспорт и грижа за повредените во пожарот во Кочани, кој се случи во март годинава.
Македонската делегација во Унгарија е предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николовски, а денешната работна посета се реализираше во насока на зајакнување на меѓусебната соработка, особено на полето на одбраната и безбедноста и на економските врски.
Како дел од официјалните активности, министрите Мисајловски и Николовски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и државниот советник во Министерството за национална економија за економски развој и национални финансиски сервис Мате Лога. Дополнително, државниот секретар во Министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга. Во составот на македонската делегација, од страна на Армијата, учествува и директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев.









