Во период од 13 до 18 март Армијата на Република Северна Македонија како дел од безбедносниот и одбранбен систем на државата ќе земе учество на НАТО вежбата за кризен менаџмент 25 (CMX 25). На оваа вежба ќе се извежбаат и проверат сојузничките процедури за консултации и носење одлуки во согласност со Стратешкиот концепт и во поддршка на трите клучни задачи на стратегиско, политичко и воено ниво. Оваа вежба ќе вклучи цивилен и воен персонал од земјите сојузнички, во седиштето на НАТО штабот и во двете стратешки команди.
Како и претходните CMX вежби, CMX 25 нема да вклучува распоредување на сили. Во рамките на вежбата ќе се изврши извежбување на сеопфатни одговори на комплексни цивилно – воени сценарија во хибридна средина.
CMX 25 ќе вклучи и размена на персонал со Европскиот акционен надворешен сервис (European External Action Service), Европската комисија и Советот на Европската Унија.
„Crisis Management Exercise“ се реализира од 1992 година, а Република Северна Македонија за прв пат требаше да биде дел од оваа вежба од 2021 година, но поради пандемијата предизвикана од Ковид 19 вежбата беше одложена. Учеството на Армијата на оваа вежба започна од 2023 година, а вежбата CMX 25 е нејзино второ учество.