Согласно усвоената одлука на Советот на Европската унија (ЕУ) за мерката помош преку Европскиот мировен фонд (ЕМФ), тим од ЕУ престојува во дводневна работна посета на Армијата и Министерството за одбрана, со цел разгледување на предлогот за вториот пакет за поддршка за потребите на Армијата.
На првиот ден од средбите помеѓу претставниците на ЕМФ, Министерството за одбрана и ГШ на Армијата учествуваа директорот на Генералштабот, бригаден генерал Симеон Трајковски и државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова.
Во текот на утрешниот ден, тимот од ЕМФ, ќе ги посети касарната „Јане Сандански“ во Штип и касарната „Чојлија“ во Петровец, каде ќе биде организиран тактичко-технички збор на кој ќе биде изложена новопримената опрема, како и планираните капацитети за сместување на опремата.
Советот на ЕУ во текот на месец септември донесе одлука за одобрување на помош во рамки на Европскиот мировен фонд (ЕПФ) во износ од 13 милиони евра наменети за опремување и модернизација на Армијата, во контекст на достигнување на зацртаните цели на способности, согласно ДПРОС 2023-2032.
Мерката за помош ќе ги зајакне капацитетите на Армијата за учество во операциите и мисиите во рамки на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и другите меѓународни мисии.