Во рамките на подготовките за 18. Конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји, која ќе се одржи во периодот од 27 до 29 мај 2025 година во Истанбул, Република Турција, во текот на месец декември 2024 година беше реализиран првиот состанок на координативната група за подготовка на конференцијата.
На состанокот, претставниците од земјите членки на Форумот на балканските земји ги разгледаа задачите произлезени од заедничката изјава усвоена на 17. Конференција на началниците на Генералштабовите. Покрај тоа, изработени се задолженија за подгрупите за асиметрични закани, како и за едукација, обука и вежби.
Истовремено, беа изготвени и други документи потребни за успешна реализација на 18. Конференција, како и заклучоците од овој прв состанок на координативната група.
На овој состанок, учесниците ги потврдија своите заложби за унапредување и промовирање на регионалната стабилност и безбедност на Балканот преку продолжување на континуираната воена соработка.