Во период од 14 до 17 јули 2025 година во Домот на Армијата во Скопје се одржа работилница на тема: ,,Напредна поддршка од земјата домаќин“.
Работилницата ја отвори потполковник Никола Анѓелов, заменик на началникот на Ј-4 на ГШ на Армијата, кој воедно им посака добредојде на присутните и успешна работа. На работилницата, покрај офицерите и подофицерите од логистичка специјалност од командите и единиците на Армијата, учествуваа и заменик-шефот на Одделението за одбранбена соработка со САД, претставник од Амбасадата на САД во Македонија, претставници од Вооружените сили на Република Албанија, Република Србија, Федерација Босна и Херцеговина, претставници од Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Министерството за транспорт, како и Агенцијата за цивилно воздухопловство од Репубика Северна Македонија.
Работилницата претставува составен елемент од НАТО планирачкиот процес во областа на логистиката. Фокусот беше ставен на дефинирање на логистичките цели и способности, обезбедување на поддршка од страна на земјата домаќин, како и идното проектирање на инфраструктурните потреби. Работилницата беше водена од страна на Питер Веноа од Командата на силите на САД за Европа (USEUCOM).
Организатор и домаќин на активноста беше Ј-4/Генералштабот на Армијата во соработка со Амбасадата на САД во Македонија.