Заменикот на Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин ја предводи армиската делегација која во периодот од 18 до 22 јули, на покана од одбранбената и безбедносна индустрија министерството за одбрана на Обединетото Кралство (ОК), присуствува на меѓународниот саем на воздухоплови и меѓународниот специјализиран воздухопловен форум кој се одржува во Фарнборо, Обединетото Кралство.
За време на три дневната програма, генералот Нуредин во министерството за одбрана оствари официјална средба со заменикот на началникот на главниот штаб, одговорен за воена стратегија и операции, генерал-потполковник Роланд Вокер, на која е разговарано за меѓусебната соработка и актуелната безбедносна состојба, со акцент на поддршката од страна на Вооружените сили на ОК која особено е изразена во сферата на обуката и подготовка за операции, како и за заедничките вежбовни активности.
Воедно се остварени и средби со претставници на реномирани компании во военото воздухопловство како „Локид Мартин“ на кои се презентирани можностите кои ги нудат овие компании.
Посетата е дел од активностите на генералштабот на кои се согледуваат можностите за модернизација согласно потребите и приоритетите за опремување на Армијата како обврски од стратегискиот одбранбен преглед и долгорочниот план за развој на одбраната, со кои е планиран развој на воздухопловни капацитети и способности со набавка на нови платформи како еден од условите за исполнување на НАТО стандардите.