Во период од 26 до 30 април се реализираше студиска посета на слушателите од 20. класа на Високата школа за подофицери на Вооружените сили на Република Хрватска на Армијата на Република Северна Македонија во организација на КГЛПОФ на Армијата.
Во рамки на посетата, слушателите реализираа посети на Командата за операции (КО), каде беа примени од командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини, командата на 1.пешадиска бригада, вВИНГ и Центарот за обука на пилоти. При посетата на Командата за обука и доктрини, слушателите го посетија Курсот за постари подофицери, каде им се обрати командантот на Центарот за индивидуална обука, а исто така имаа можност да ги посетат и да се запознаат со капацитетите на АП „Криволак“ и ЦО „Пепелиште“.
За време на студиската посета, на која учествуваа и главни подофицери од Армијата кои имаат завршено на Високата школа за подофицери, беа разменети искуства на теми поврзани со активностите на подофицерскиот кор од двете армии.
Слушателите оддадоа почит на споменикот на загинатите припадници на Армијата во хеликоптерската несреќа пред Командата на вВИНГ.
Покрај посетата на командите и единиците на Армијата, слушателите се запознаа со нашето културно-историско наследство и природните убавини, преку организација на културна тура и разгледување на Скопје, Битола и Охрид.
На официјалната вечера за сите учесници, на која домаќин беше ГЛПОФ на Армијата главен наредник Бране Петрески, беа разменети пригодни подароци помеѓу припадниците на двете армии, при што од страна на гостите беше изразена голема благодарност за гостопримството и успешно реализираната студиска посета.