Традиционалните предновогодишни активности на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана: прием на семејствата на припадниците на Армијата кои извршуваат задачи во мировни операции во странство и поделба на новогодишни пакетчиња на децата на припадниците на Армијата оваа година се одржаа во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана, Славјанка Петровска најпрвин, заедно со семејствата одржаа видео конференциска врска со припадниците на Армијата кои извршуваат задачи во операциите во Косово, Босна и Херцеговина, Летонија, Романија, Бугарија, Либан, Централноафриканската Република и Ирак, по што следеше поделба на новогодишни пакетчиња на децата на мировниците.
Покрај генералот Ѓурчиновски и министерката Петровска, на настанот присуствуваа и командантот на Команда за Операции, Бригаден Генерал Бесник Емини, командантот на 1. Пешадиска бригада, Сашко Лафчиски и командантот на воздухопловниот ВИНГ, полковник Игорчо Стојменовски.
Потоа, со пристигнување на Дедо Мраз со армиски хеликоптер следеше традиционалната церемонија на поделба на новогодишни пакетчиња на децата на загинатите и починати припадници од воздухопловниот ВИНГ, како и на децата на припадници на Армијата од останатите команди и единици на Армијата и Министерството за одбрана.
На овој настан присутвуваа 225 деца имаа незаборавни моменти на дружба и сликање со армискиот „Дедо мраз“ кој симболично пристигна со транспортен воен хеликоптер, по што им додели новогодишните пакетчиња.
Манифестацијата на поделба на пакетчиња од страна на армискиот Дедо Мраз, која е во организација на воздухопловниот ВИНГ традиционално се одржува во пресрет на новогодишните празници и е особено интересна за најмладите, поради симболично пристигнување на Дедо Мраз со транспортен воен хеликоптер, поради епидемиолошките мерки за заштита од пандемијата со „Ковид 19“ не се изведуваше во изминатите две години.