Во период од 9 до 10 декември, на покана на адмирал Пиер Вандиер, командант на Врховната команда на НАТО сојузничките сили за трансформација, заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин зеде учество на конференцијата „Allied Warfare Development Conference“, која се одржа во Норфолк, САД.
Конференцијата „Allied Warfare Development Conference“ беше во организација на Сојузничката команда на НАТО за трансформации – ACT и истата претставуваше можност за националните и НАТО лидери да го унапредат своето знаење за тоа како ACT придонесува кон кредибилна одбрана и одвраќање, како и истражување на начините за забрзување на процесот на трансформација на НАТО како воен инструмент на моќ.
Во рамките на програмата, заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин оствари официјална средба со началникот на штаб на Сојузничката команда на НАТО за трансформации (COS-ACT-Norfolk) вицеадмирал Сајмон Асквит на која беше разговарано за досегашната соработка, како и за актуелни воено-политички теми, како и протоколарна средба со доајенот на националните воени претставници (NMR) данскиот бригаден генерал Бо Енгелбред на која се разговараше за улогата на NMR во ACT. Исто така, генералот Нуредин оствари средба и со хрватската делегација предводена од генерал-мајор Денис Третињак. На средбата, на националниот воен претставник на Р. Хрватска полковник Мато Матановиќ му беше врачено признание во знак на одличната досегашна соработка.
На 11 декември, генералот Нуредин оствари и работна посета на Военото претставништво на Република Северна Македонија при Сојузничката команда на НАТО за трансформации, на која генералот се запозна со состојбата и се разговараше за тековните и идни активности на Военото претставништво.