Заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, во период од 26 до 29 ноември 2026 година реализираше работна посета на Воениот оддел при дипломатското претставништво на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ во Брисел, како и на Военото претставништво при Сојузничката команда за операции на НАТО во Монс, Кралството Белгија.
Во текот на посетата, генерал-мајор Нуредин одржа работни состаноци со претставниците на двете воени претставништва. На средбите беа разгледани активностите и задачите на претставништвата, процесот на пополнување на националните воени позиции во НАТО и во командната структура на Алијансата, како и ангажманот на Армијата во операциите и вежбите на НАТО. Дополнително, беа разменети мислења за други значајни прашања поврзани со актуелните безбедносни предизвици и политиките на Алијансата.
Генералот Нуредин оствари работна средба и со амбасадорот и постојан претставник на Република Северна Македонија во НАТО, г. Орхан Муртезани. Во фокусот на разговорите беа актуелните безбедносни состојби, обврските и приоритетите на нашата држава во рамките на НАТО, како и тековните активности за исполнување на преземените сојузнички обврски.
Посебно внимание беше посветено на плановите за понатамошен развој и модернизација на Армијата, унапредувањето на нејзините оперативни способности и продолжувањето на процесот на усогласување со стандардите и целите на Алијансата. Воедно, беше истакнато значењето на координацијата и соработката меѓу националните институции и постојаното претставништво во НАТО, со цел навремено и ефикасно реализирање на националните приоритети и придонес кон колективната безбедност.








