Претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова, заедно со министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, традиционално во пресрет на новогодишните празници, остварија средба со пензионираните генерали и поранешните началници на Генералштабот.
На средбата, која се одржа во Домот на Армијата во Скопје, генералот Лафчиски ги запозна пензионираните генерали со клучните активности на Армијата во 2024 година, како и со претстојните задачи за наредната година. Притоа се осврна на борбената готовност и модернизацијата на Армијата, исполнувањето на НАТО целите на способности, обуката и вежбите во земјата и странство.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека не секоја институција може да се пофали со ваков стручен кадар и дека го цени знаењето и искуството на пензионираните генерали, а Армијата секогаш ќе ја има нејзината поддршката во остварувањето на своите цели.
Пензионираните генерали имаа можност за искажување на свои искуства, мислења и предлози поврзани со функционирање на Армијата и одбраната.
Од страна на највисокото воено раководство на присутните им се оддаде признание за нивниот влог во достигнувањата на Армијата во текот на нејзиниот тридецениски развој.
На средбата, покрај претседателката Сиљановска Давкова, министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа и останатите генерали во Армијата и дел од раководните лица во Министерството за одбрана и Кабинетот на претседателката.