Армиските припадници уште еднаш се докажаа како врвни спортисти и промотори на спортските активности кои се дел од армиското секојдневие. Во минатиот викенд на Националната арена „Тоше Проески“ во организација на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) на дводневното Национално првенство за сениори за 2023 година учество земаа неколку припадници на Армијата преку своите матични атлетски клубови.
Најзабележителен настап имаше капетанот Тосев Жан кој во првиот натпреварувачки ден се натпреваруваше во дисциплината 5000 метри која трка ја заврши со освоено второ место кое го делеше од победничкиот резултат за само 17 стотинки. Затоа следниот натпреварувачки ден во дисциплината 3000 метри победи со што за прв пат во кариерата се закити со титулата Државен шампион.
Инаку капетанот Тосев Жан, припадник на баталјонот за Почести има повеќе забележителни резултати меѓу кои е минатогодишната победа на меѓународниот скопски маратон во дисциплината полумаратон. Воедно е маратонец со второ најдобро време на сертифицирана патека во историјата на Републиката и спортист на годината за 2022 во рамки на Армијата. Повеќе од 10 години се натпреварува во земјата и странство, на сите натпревари во организација на АФМ каде што, покрај работните обврски, бележи исклучителни резултати и достигнувања со што покажува дека Армијата во своите редови има не само одлично подготвени психо-физички припадници туку и врвни спортисти и професионалци на кои особено треба да се гордее.