Со постројување на спортските екипи од Армијата, на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, традиционално и оваа година под мотото „Пријателство преку спорт“ се одбележа „18 февруари – Денот на Меѓународните воени спортови“.
На оваа спортска манифестација, која годинава Армијата ја одбележува по седумнаесетти пат, организирана во согласност со протоколите за превентивна заштита од COVID-19, припадниците на Армијата се натпреваруваа во трка на пет километри во машка конкуренција и три километри во женска конкуренција.
Во машка конкуренција првото место го освои професионалниот војник Милош Ранчиќ, второ место професионалниот војник Трајче Илијески и трето место капетан Жан Тосев, додека во женска конкуренција првото место го освои постар водник 1 класа Марија Пеликон, второ место наредник Ирена Лековска и трето место, професионален војник Марија Димеска. Екипно во машка конкуренција, Баталјонот на специјални сили го освои првото место, а Ренџерскиот баталјон во женска конкуренција.
Меѓународниот совет за воени спортови е организација формирана 18 февруари 1948 година, а Армијата на Република Северна Македонија чија полноправна членка е од 2005 година, се стекнува со право на учество на сите меѓународни спортски натпревари во организација на оваа меѓународна асоцијација на воените спортови. Припадниците на Армијата со своето учество на спортските настани, преку програмите на Меѓународниот совет за воени спортови, покрај забележителните резултати кои ги постигнуваат, дополнително придонесуваат за развој на меѓуармиската соработка, пријателството и мирот во регионот и во светот.