На покана на Македонската Спортска Стрелачка Федерација, на стрелиштето „Камник“, на 16-от Интернационален отворен турнир во стрелаштво „Гранд При Скопје 2022“, свое учество традиционално зедоа и екипи од Армијата, во дисциплините: гаѓање со пиштол на 25 метри, гаѓање со автоматска пушка 7,62 мм на 100 метри и гаѓање со полуавтоматска снајперска пушка на 100 метри.
На отворањето на 16-от „Гранд При Скопје 2022“, се обрати Началникот на штаб во Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски кој на учесниците им посака успех и постигнување на високи резултати за време на турнирот.
Припадниците на Армијата и оваа година повторно ја демонстрираа својата подготвеност во ракување со своето оружје при што остварија забележителни резултати.
Прво место поединечно 100 метри со автоматска пушка, освои разводник Драгослав Кудрановиќ од ГШ на Армијата.
Во женска конкуренција поединечно 100 метри со автоматска пушка од питомечкиот баталјон прво место освои питомец Мартина Стаменова од питомечкиот баталјон, второ место, питомец Милица Перишиќ, додека третото место и припадна на помлад водник Ирена Панова Петровска од 1.пешадиска бригада.
Во дисциплината пиштол 25 метри во поединечна конкуренција третото место го зазеде постар водник 1 класа Ирена Лековска, припадничка од ренџерскиот баталјон и екипно второ место екипа од ГШ на Армијата во состав постар водник 1 класа Ирена Лековска, постар водник Жанета Мицковска и помлад водник Ирена Панова Петровска.
Екипно, 100 метри со автоматска пушка прво место во машка конкуренција го освои екипата од составена од главен наредник Томислав Гончев, постар водник 1 класа Драган Стојковски и разводник Драгослав Кудрановиќ од ГШ на Армијата, а во женска конкуренција екипата од питомечкиот баталјон во состав: Мартина Стаменова, Милица Перишиќ и Аделаида Бегановиќ.
Организаторот на 16-от Интернационален отворен турнир во стрелаштво, Македонската Спортска Стрелачка Федерација, по завршување на натпреварувањето на учесниците им додели пехар и медали на најдобро пласираните екипи и поединци.