Tрадиционално и оваа година во организација на Генералштабот на Армијата на патеката во спортскиот центар „Хиподром“ се одржа „14-тото Армиско првенство во крос-кантри трчање“ во должина од 8000 метри во машка и 4800 метри во женска конкуренција.
На отворањето на 14-тоto Армискo крос-кантри првенство, претставникот од ГШ на Армијата, полковник Игор Арсовски началник на одделението за вежби од секцијата Ј-7/ГШ во своето обраќање ги поздрави присутните и им посака добредојде на денешната спортска манифестација, на која покрај припадниците од Армијата учествуваат и познати национални атлетичари, но и многу други љубители на кралицата на спортовите, со што само се потврдува високата доверба и почитта на нашите граѓани кон Армијата.
Екипно во женска конкуренција први се пласираа припадничките од Генералштабот, второпласирани се припадничките од 1.пешадиска бригада и трети од Центарот за електронско извидување. Најдобро пласирана во женска конкуренција беше наредник Марија Пеликон, второто место го освои постар водник 1 класа Ирена Лекоска, додека третото место и припадна на професионален војник Силвана Вељуслиев.
Во машка конкуренција првото место го освои професионален војник Милош Ранчиќ, второто место професионален војник Трајче Илијевски и третото место капетан Жан Тосев. Екипно припадниците на Логистичка база го освоија првото место, второто место Баталјонот на специјални сили, додека третото место го освои екипата на 1.пешадиска бригада.
По завршување на натпреварувањето на најдобро пласираните поединци и екипи им беа доделени медали и пехари.