Во изминатиот месец, припадниците на инженерискиот баталјон реализираа обемни активности на терен поврзани со унапредување на патната инфраструктура. Работите беа изведени на околу 13 километри пристапни патишта на делниците село Митрашинци – село Разловци и од местото викано „Ширината“ до споменикот на револуционерот Даме Груев, во атарот на село Русиново.
Активностите опфатија: поправка и проширување на патиштата, стабилизација на косини, изградба и реконструкција на одводни канали и пропусти.
Овие зафати овозможија значително подобрување на пристапноста до руралните подрачја, побезбедно и полесно движење на населението, како и поефикасен транспорт на земјоделски производи и други потреби.
Со реализацијата на овие проекти, инженерискиот баталјон директно придонесе кон подобрување на условите за живот во селата Митрашинци, Разловци и Русиново, како и кон поттикнување на локалниот економски развој.