Инженерискиот баталјон (инжб), од составот на Командата за операции, во периодот од 29.09. до 10.10.2022 година изврши поправка на патна инфраструктура на постоечки шумски патишта во Малешевијата. По барањето на општината Берово доставено до Министерството за одбрана и Армијата, инжб излезе во пресрет и со свои сили и средства ѝ помогна на општината.
Од страна на стручни лица од штабот и потчинетите единици на инжб најпрво се изврши извидување на теренот за да се дефинираат активностите за потребите на општината и за организација на работата во теренски услови. Инжб со свои сили и средства изврши пробивање, проширување и изработка на канали за одводнување на постоечкиот шумски пат од Блен – Кукута – Пецов чукар со вкупна должина од 5,2 км и ширина од 3,0 до 5,0 метри. За таа цел се ангажираа две специјализирани инженериски машини, моторно возило влечен воз за инженериски машини и потребен број на персонал.
Со оваа взаемна активност на Армијата и општината Берово се обезбеди пристапност до шумски патишта.
Обиколка на активноста од страна на Армијата изврши началникот на штабот на инжб, а од страна на општина Берово – градоначалникот на општината Берово, г-дин Звонко Пекевски и командирот на противпожарната територијална единица.
СЈ/ЧС