Отворените денови како дел од активностите организирани од страна на Армијата и Министерството за одбрана во соработка со локалните самоуправи по повод одбележување 75 години од формирањето на НАТО и воедно четири години од нашето членство во Алијансата продолжија пред граѓаните од Штип и Тетово.
На активностите на кои присуствуваа началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Сашко Лафчиски, посетителите имаа можност да се запознаат со дел од вооружувањето, воената опрема и возила од повеќе единици, меѓу кои од првиот и вториот пешадиски баталјон, баталјонот на воена полиција, четата АБХО, баталјонот за врски и изидувачко разузнувачкиот баталјон.
Граѓаните исто така имаа можност да ги проследат борбените вештини на баталјонот за специјални сили, алпинистичките вештини на ренџерите од составот на изидувачко разузнувачкиот баталјон и да проследат музички нумери во изведба на воениот оркестар
И овојпат заинтересираните имаа можност да се запознаат и со воената професија и условите за прием во Армијата и за пилоти во воздухопловниот ВИНГ, како и да го вкусат познатото „војничко гравче“ и војнички чај.
Отворените денови во Штип и Тетово се дел од планираните активности со кои се одбележуваат 75 години од формирањето на НАТО и воедно четири години од нашето членство во Алијансата.