Со денешното свечено отворање на вежбата за кризен менаџмент во организација на НАТО Евроатланскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со кризи на кое присуствуваа заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, Армијата на Република Северна Македонија го отпочна учеството во вежбата за кризен менаџмент, која ќе се одржува во подрачјето на Охрид и Струга од 20 до 24 септември под името „Северна Македонија 2021“.
Армијата, која во целиот период на своето постоење заедно со останатите институции во државата, учествува во справување со кризни ситуации како дел од системот на кризен менаџмент, во вежбата ќе земе учество со повеќе од 100 свои припадници кои заедно со учесниците на останатите институциите ќе земат своја улога како во главниот кризен штаб, во тимовите за спасување така и со вклученост на полската болница со улога „Рол 2“ во рамки на Балканските медицински наменски сили, но и со реална логистика, обезбедување и персонал во улога на маркиранти.
Главни цели на вежбата ќе бидат тестирање на капацитетите и ресурсите на Системот за управување со кризи, потоа проверка на подготвеноста на т.н. (NICS) Напреден систем за централно следење и управување со кризи со Команден центар, што во реално време ќе може да управува со сите расположливи ресурси на регионално ниво, како и проба на мерката за слободен проток на техника и луѓе преку границите меѓу членките на НАТО во случаи на кризи.
Армијата во вежбата ќе се ангажира во рамки на цивилно-воената соработка како во реално поставување за координирање во кризни ситуации и како ресурс кој последен се ангажира во асистенција и помош на останатите институции.
На вежбата учествуваат претставници од 28 држави членки и партнери на НАТО и неколку меѓународни организации. Вежбата ќе им овозможи на екипите за брза реакција во кризи, но и на планерите и проценителите да разработуваат и извежбуваат активности за потрага и спасување во урбана средина, но и на вода и во планина, потоа вежби на медицински тимови за итни случаи, но и активности на екипи за детекција и идентификација на хемиски, биолошки и радиолошки агенси, како и активности поврзани со дезинформации.