Со повеќе спортски активности на спортските терени во сите гарнизони каде се сместени единиците на Армијата на Република Македонија по тринаесетти пат се одбележа „18 февруари – Денот на Меѓународните Воени спортови“.
Одбележувањето на МСВС во ГШ и единиците на АРМ, отпочна со свечено отворање од страна на командантите на гарнизоните по што припадниците на АРМ се натпреваруваа во дисциплините крос за мажи и жени, мал фудбал, пинг понг, шах и кошарка кои се спроведуваа на спортските терени и простории во касарните.
Централните спортски натпревари се спроведоа на воениот стадион во градскиот парк во Скопје, каде на присутните припадници на АРМ на отворањето се обрати државниот советник во министерството за одбрана.
Спортот претставува значаен сегмент во обуката на АРМ, и го отсликува меѓусебното другарство, пријателството и зближување на припадниците на армиите од речиси сите земји во светот.
Во редовите на АРМ се наоѓаат врвни спортисти со домашно и меѓународно искуство кои постигнуваат значителни резултати во спортот како на домашната така и меѓународната сцена.
На победниците на спортските натпревари во дисциплините во кои се натпреваруваа традиционално им се врачија признанија за остварените резултати за кои припадниците на АРМ имаат вложено многу труд, посветеност, дисциплина и мотивираност кои се одлики на војничката професија.
АРМ од 2005 година е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови, со што се стекна со право на учество на сите меѓународни спортски натпревари во организација на оваа меѓународна асоцијација на воените спортови.
Со учеството на воените спортски манифестации се промовираат вредностите на армијата, се развива духот на толеранција и меѓусебно почитување, се унапредуваат одбранбените способности на земјата придонесувајќи во јакнењето на мирот во светот.