Врз основа на укажаната потреба и побарувања за поголем обем на ангажман во гасењето на пожарите, претседателката на државата и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за ангажирање на дополнителни 200 припадници на Армијата во напорите за гасење на пожарите.
Од страна на Генералштабот е издадена наредба за ставање во состојба на подготвеност и ангажман на дополнителни 200 армиски припадници од кои 170 од составот на Командата за операции и 30 од Командата за обука и доктрини, со што вкупниот број на ангажирани армиски припадници е 300.
Заедно со досегашните 100 припадници, кои се ангажирани од почетокот на прогласување на кризната состојба, дополнителните сили ќе извршуваат активности на локации каде ќе има потреба и кои ќе им бидат доделени од страна на Центарот за управување со кризи, кој е надлежен за координација на сите вклучени институции.
Во текот на денот, претседателката Гордана Сиљановска Давкова, придружувана од заменикот началникот на генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, ги посети припадниците на Армијата вклучени во гаснењето на големиот шумски пожар на планината Серта, кај неготинското село Калањево, при тоа беше информирана за актуелната состојба со пожарите и активностите што се преземаат за нивно локализирање.
Ангажираните сили и ресурси координирано работат заедно со другите инволвирани субјекти, што се покажува како суштински во борбата за ставање на пожарите под контрола.
Во досегашниот период Армијата дејствува со 100 припадници и два армиски хеликоптера МИ-8/17, кои се ангажираат на локации по насоки на Центарот за управување со кризи и со исфрлени повеќе од 150 тони вода и активен ангажман на терен го даваат својот придонес во локализирање на пожарите. Воедно припадниците од воздухопловниот ВИНГ координираат со налетите на хеликоптерите од Турција, Словенија, Србија и Црна Гора.