Врз основа на одлуката на Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски за прогласување на вонредна состојба на територијата на целата држава заради заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот КОВИД – 19, Армијата ги започна активностите за извршување на доделените задачи од надлежните.
По тој повод Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес даде изјава пред медиумите со цел запознавање на јавноста за активностите кои ќе ги спроведува Армијата заедно и во тесна координација со сите државни субјекти во овие исклучително сложени моменти за нашата држава предизивкани од епидемијата.
Генералот Ѓурчиновски најпрвин во име на сите припадници на Армијата го честита на граѓаните на Република Северна Македонија полноправното членство во НАТО алијансата, кое беше наша долгогодишна стратешка цел, а со кој успех припадниците на Армијата се особено горди.
Во однос на актуелната состојба и договорените активности и мерки кои ќе бидат преземени од страна на Генералштабот и потчинетите команди и единици со цел справување со ширењето на епидемијата на вирусот КОВИД 19, Началникот на Генералштабот на Армијата го истакна следното: „По прогласувањето на вонредната состојба во нашата земја од страна на Претседателот и Врховниот командант на вооружените сили, Армијата спроведува и извршува дополнително значителни обврски и задолженија. Веќе реализираме заеднички активности во поддршка на министерството за внатрешни работи, а почнувајќи од утре ќе биде забележително поголемо присуство на Армијата комбинирано во заеднички патроли и активности во обезбедување на сите државни граници на нашата татковина. Граѓаните ќе имаат можност да забележат армиско присуство во комбинирани заеднички патроли со полицијата“.
Во обраќањето генералот Ѓурчиновски упати порака и апел до граѓаните да бидат трпеливи, смирени, храбри и одважни во овој исклучително тежок временски период, во кој мора да направиме сè, строго да ги почитуваме препораките од надлежните институции на Владата на Република Северна Македонија. Потребна ни е солидарност и единство како никогаш досега, да го надминеме предизвикот со кој е соочен целиот свет.
Понатаму истакна дека согласно уредбата на Владата и насоките од министерката за одбрана, Армијата целосно се вклучува во поддршка на населението.
На крајот од своето обраќање упати благодарност до сите припадници на Армијата, здравствените работници, полицијата и на сите институции кои се справуваат со кризата и за досегашните соодветни мерки кои се преземаат. Имаме капацитет како институции и имаме долг, историски и патриотски, сите во овој тежок момент да преземеме се што е во наша моќ да не дозволиме да се случи тоа што веќе се случува на многу други места.
На прашањата на новинарите во врска со понатамошното ангажирање на Армијата истакна дека дел од армиските состави ќе се вклучи во заеднички патроли со полицијата за обезбедување на објекти од витално значење за државата, како и влезни и излезни контролни точки од населените места, во координација и насоки од Владата, и дека за тоа во оваа фаза имаме доволно капацитети и можности. Во врска со применување на заштитните превентивни мерки и на припадниците на Армијата, согласно проценките се прават планови и напори да бидат обезбедени што поскоро за целиот состав.
Во понатамошниот период конкретните мерки, начинот на ангажирање и употреба на потребни ресурси ќе се извршува врз основа на побарувањата на Владата и кризниот штаб во целосна координација и соработка со сите надлежни институции.
Генералштабот и сите потчинети команди во функција задејствуваа оперативни групи, кои ќе раководат со сите активности на единиците и ќе координираат со инволвираните институции врз основа на кои ќе се изработуваат краткорочни оперативни планови и наредби за ангажирање.
Покрај отпочнување на извршувањето на новододелените задачи, Армијата на Република Северна Македонија продолжува и со извршување на претходно добиените задачи во поддршка на МВР и Министерството за здравство во обезбедување и контрола на кризното подрачје и во поддршка на МВР, за во регионот на Дебар и центар Жупа, како и со ангажирањето на јужната и дел од северната граница за справување со мигрантската криза.