По повод одбележување на празникот 8 Септември – Денот на независноста делегација на Армијата, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, положи свежо цвеќе на вечните почивалишта на првиот претседател на државата Киро Глигоров, поранешниот претседател Борис Трајковски и првиот претседател на Владата Никола Кљусев.
Генералот Лафчиски, на покана на претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, а по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста, учествуваше и на свеченоста која се одржа на платото пред Владата.
Во рамки на програмата за одбележувањето за Денот на независноста, Баталјонот за почести на Армијата изврши свечена промена на државното знаме пред Владата.
Со овие активности Армијата оддаде почит кон празникот кој ја означува сувереноста, независноста и самостојноста на нашата држава.








