Припадниците на Баталјонот за специјални сили како носители на традициите на формирањето на првата специјална единица во Армијата, со воена свеченост во касарната „Илинден“ го одбележаа Денот на единицата.
По повод одбележувањето на 28-годишнината од формирањето на специјалните единици во состав на Армијата, на свеченоста се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска, заменик началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на баталјонот, потполковник Оливер Зариовски.
Министерката за одбрана во своето обраќање истакна дека со формирањето на специјалните сили се означи и почетокот на професионализацијата на Армијата, која секогаш е подготвена да биде гаранција на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава. Притоа напомена дека е прва единица од составот на Армијата која по членството во НАТО успешно го заврши процесот на оценување на борбената готовност.
Генерал-мајор Азим Нуредин, посочи дека Баталјонот на специјални сили е особено значаен не само за Армијата на Република Северна Македонија туку и за граѓаните, затоа што претставува професионална армиска структура подготвена да одговори на сите современи безбедносни предизвици. „Со учеството на вежбите и заедничките обуки со вооружените сили на сојузничките армии, го потврдивте постигнувањето на главната цел: подобрување на способностите за изведување на операции на специјалните сили во координација со конвенционалните сили, зголемување на интероперабилноста, јакнењето на меѓусебните односи и довербата меѓу армиите“, истакна генералот Нуредин.
Командантот на единицата, потполковник Оливер Зариовски истакна дека со професионалното извршување на задачите поврзани со мисијата на единицата ќе продолжат да бидат водилка за останатите, со ветување дека капацитетите кои ги изградија изминатите 28 години ќе ги одржуваат и надоградуваат.
На свеченоста покрај министерката за одбрана, Славјанка Петровска и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, присуствуваа и поранешни команданти на баталјонот и командантите на останатите единици во Армијата од касарната „Илинден“.
На свеченоста беа доделени стимулативни мерки за припадниците кои особено се истакнале при извршувањето на своите задачи. Во пресрет на одбележувањето на денот на единицата беа реализирани акција за доброволно дарување на крв и хуманитарна акција.