Денес, 30.11.2016 година во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес се одржа свеченост по повод предавање на должноста командант на Командата за обука и доктрини и пензионирање на досегашниот командант, полковник Љупчо Костовски.
На свеченоста присуствуваше заменикот началник на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, Директорот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Димче Петровски, командантите и началниците на дел од единиците од АРМ и потчинетите единици на Командата за обука и доктрини, претставници од локалната самоуправа, како и надворешни соработници.
На свеченоста пригодно обраќање имаше заменикот началник на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, кој го истакна значењето на Командата за обука и доктрини во системот на одбраната и воедно му се заблагодари на досегашниот командант полковникот Љупчо Костовски, за неговиот труд, ангажираност и посветеност во работата. Тој му го честиташе пензионирањето и му посака многу здравје во заслужениот пензионерски живот. Полковникот Костовски истакна дека му е чест и задоволство што имал можност да раководи со една врвна институција во АРМ каква што е Командата за обука и доктрини. Понатаму, во своето обраќање тој им се заблагодари на сите вработени во Командата за обука и доктрини за досегашната соработка, безрезервната поддршка и професионален однос во реализација на обврските. Го потенцираше фактот дека без поддршката од квалитетен персонал успехот на Командата не би бил на нивото на кое што е во моментот. За крај им се заблагодари на институциите на локалната самоуправа, на сите здруженија и организации за нивната несебична поддршка и соработка. На присутните им посака добро здравје, среќа, и успех на приватен и професионален план, и сите да дочекаат еден ваков свечен момент со кој достоинствено ќе го крунисаат професионалниот ангажман.