Делегација од Армијата и Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и државната секретарка во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, во периодот од 21 до 22 октомври 2025 година, престојуваше во работна посета на Република Словенија, каде учествуваше на првата Меѓународна одбранбена изложба и конференција.
За време на настанот, генералот Лафчиски присуствуваше и на панел-дискусијата на тема „Стратегија за развој на одбранбената индустрија и технолошката основа во Република Словенија“, на која беа разменети ставови и перспективи за идниот развој на националните одбранбени капацитети, регионалната соработка и интеграцијата со најновите технолошки трендови. Дополнително, беа презентирани клучни технолошки иновации и решенија кои имаат за цел да одговорат на современите безбедносни предизвици и да придонесат кон унапредување на оперативните способности на вооружените сили.
Армиската делегација оствари и посета на касарната „Едвард Пеперко“, каде беше организирана презентација на дел од капацитетите на словенечките вооружени сили, Центарот за симулација и обука (SIMCEN), како и демонстрација на концептот за одржување на JLTV и затвореното стрелиште. Во продолжение, делегацијата оствари и посетата на НАТО Центарот за извонредност во планинско војување (NATO Mountain Warfare Centre of Excellence), кој има клучна улога во развојот на способности за планинско војување и обезбедува поддршка на земјите членки на НАТО, партнерите и други организации преку обука, развој на доктрини, експерименти и учество во мултинационални проекти и операции.
Меѓународна одбранбена изложба и конференција за прв пат се организира оваа година и претставува можност за запознавање со најновата генерација на одбранбени технологии, како и за сеопфатен преглед на клучните иновации и решенија кои отвораат нови перспективи за развој на одбранбената индустрија.








