Делегација од националната гарда на Соединетите Американски Држави предводена од шефот на Бирото на националната гарда на САД, генерал Џозеф Ленгиел која се наоѓа во негова прва официјална посета на Република Македонија, денес престојуваше во Министерството за одбрана и генералштабот на АРМ, а обиколи и дел од единиците и капацитетите на АРМ.
За време на престојот во ГШ на АРМ, генералот Ленгиел оствари издвоени средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и Началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски.
На средбата со генералот Ѓурчиновски се разговараше за активностите од партнерската програма за соработка на САД, изразена преку 25 годишните заеднички активности на АРМ со националната гарда на Вермонт.
Генералот Ѓурчиновски го истакна значењето од стекнатите искуства на припадниците на АРМ и достигнатата интероперабилност со стандардите на НАТО, стекната преку заедничко учество во мировни операции, реализацијата на голем број заеднички вежби и континуираното изведување на заедничка обука.
Генералот Ленгиел за време на средбата го искажа задоволството од досегашната воена соработка, нагласувајќи дека АРМ беше меѓу првите партнерски армии која беше распоредена во Авганистан заедно со Вооружените сили на САД во операцијата „Феникс“.
На средбата генералите Ѓурчиновски и Ленгиел разговараа и за претстојните заеднички активности на вежбата „Одлучен удар“ која ќе се изведе на полигонот „Криволак“ на на која ќе учествуваат околу илјада припадници илјада од 56. бригада на НГ на Пенсилванија со припадници на АРМ од Првата механизирана пешадиска бригада.
Делегацијата предводена од генералот Ленгиел, во текот на денешниот ден ќе ја обиколи и касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, каде ќе биде запознаен со мисијата, задачите и опременоста на првата механизирана пешадиска бригада, при што ќе им бидат презентирани средствата и капацитетите на единицата, а ќе се запознаат и со капацитетите на АП „Криволак“.
Придобивките на АРМ од досегашната 25 годишна воена соработка особено во делот на обуката, реализираните вежби и заедничкиот настап во мировните операции во голема мерка ја подобрија и потврдија обученоста на припадниците на АРМ во тактичките процедури и техники на НАТО, што придонесува за успешно спроведување на интероперабилноста со НАТО стандардите.
Во досегашните заеднички активности на АРМ со НГ на Вермонт се реализирани речиси 1000 активности во полето на обуката на кои над 5000 припадници на АРМ ги совладале стандардите на вооружените сили на САД, кои се имплементирани во единиците на АРМ.