Денес, 22 март 2013 година, во официјална посета на Армијата на Република Македонија претстојува висока делегација на Војската на Србија, предводена од Началникот на ГШ на Војската на Србија, генерал Љубиша Диковиќ. Делегацијата во ГШ на АРМ беше пречекана со високи воени почести, а домаќин и е Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески.
Главни теми за кои се разговараше во ГШ на АРМ беа: унапредување на билатералната воена соработка, размена на искуствата со АРМ од учеството во мисиите надвор од Република Македонија, примена на Концептот за оперативните способности на декларираните единици, како и взаемно користење на капацитетите за обука во двете армии.
По официјалната средба, генералите Котески и Диковиќ ја нагласија одличната соработка помеѓу двете армии за која се сложија дека се развива во нагорна линија и дека во наредниот период ќе се интензивира.
Генералот Котески истакна дека на средбата на гостите од Република Србија им е понудено користењето на Армискиот полигон (АП) „Криволак“, како за изведување на обука за потребите на Војската на Србија, така и за заедничка обука помеѓу припадниците на двете армии, особено во подготвителниот период пред упатување во мировни мисии. Тој ја потврди соработката со центарот за атомско-биолошка и хемиска одбрана (АБХО) во Република Србија, во кој ќе продолжат да се обучуваат стручни кадри на АРМ, но и ја истакна можноста за обука на припадници на АРМ за специјалности кои на АРМ и се неопходни за одржување на одредени борбени технички средства во соодветни центри за техничка служба на Војската на Србија.
Генералот Диковиќ не го криеше задоволството од соработката со АРМ, при што истакна дека двете армии имаат можност за проширување на соработката на повеќе полиња и дека Војската на Србија е заинтересирана за употреба на АП „Криволак“, но и за поддршка на веќе започнатите проекти за регионална соработка. Импресиониран од искуството кое АРМ го има стекнато од извршувањето на мисиите надвор од Република Македонија, како и од заложбите за заедничко искористување на капацитетите за обука кои ги поседуваат двете армии, тој одличната меѓуармиска соработка ја посочи како еден од важните предуслови за градење на добрососедските односи, но и безбедноста во регионот.
Двајцата началници, ја искажаа заложбата за поддршка на проектите кои се во доменот на обуката на регионално ниво, при што посебно беше истакната и иницијативата на Кралството Норвешка за формирање на Балкански воено-медицински сили.
По средбата во ГШ на АРМ, делегацијата на Војската на Србија посетата ја продолжи во касарната „Илинден“ каде ќе биде презентиран полкот за специјални операции на АРМ.