Со денешниот приказ на вежбовни активности, изложба на опрема и вооружување, во присуство на високи делегации од Армијата на Република Македонија, војската на Црна Гора, Австриските вооружени сили, министерот за одбрана на Црна Гора и други високи гости, со церемонија на затварање на полигонот „Колашин“ во Црна Гора заврши меѓународната вежба „Заеднички Предизвик 17“.
Заедничките императиви како што се: споделување на искуствата, меѓусебната интероперабилност, учество на меѓународните мировни мисии, јакнењето на регионалната и меѓународната безбедност се мотивите и целта која се постигнува на ваквите заеднички вежбовни активности, беше истакнато пред учесниците од страна на началниците на генералштабовите на АРМ и војската на Црна Гора, генерал-потполковниците Методија Величковски и Љубиша Јокиќ, и заменикот на НГШ на Австрија, генерал потполковник Бернард Бар.
Најдобар доказ за ваквата констатација е дадената оценка од директорот на вежбата за прикажаното високо ниво на обученост и интероперабилност помеѓу единиците на армиите на трите држави, во изведување на постапки предвидени за заеднички операции кои би се случувале во непристапни планински средини ширум светот.
Генералот Величковски обраќајќи се на припадниците на ренџерскиот баталјон искажа пофалба за вложениот труд како и за добиените признанија од одговорните на вежбата за покажаното знаење за време на извршувањето на вежбата.
Припадниците на ренџерскиот баталјон после еднонеделната обука во совладување на тешко пристапен терен, споредување на процедурите со останатите учесници во фазата на извршување се истакнаа со елементи за извидување и изведување на операции за создавање на поволни борбени услови за успешно изведување на офанзивни борбени дејства.
Вежбата „Заеднички предизвик 17“ се реализира врз основа на заедничка иницијатива на АРМ, војската на Црна Гора и вооружените сили на Австрија, со еднаквост во процесите на планирање, проценка и извршување. Вежбата се одвиваше на планинскиот полигон за обука „Липово“ во период од 26.06 2017 до 06.07.2017 година, според замислено сценарио за операција водена од НАТО, а под мандат на обединетите нации, за одговор на кризни ситуации кои се случуваат на тешко пристапни планински терени надвор од зоната на одговорност на НАТО.