Делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Чешката република предводена од генерал Јозеф Бечвар, заедно со началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски во текот на денешниот ден ја посетија јужната граница на Република Македонија и Армискиот полигон Криволак.
При посетата на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ од страна на припадници од полкот за специјални намени се изведе тактичко показна вежба во еден од капацитетите наменети за обука во урбана средина, а воедно се презентираа можностите на полигонот за изведување на специфична воена обука.
Армиската делегација на Чешките ВС со особен интерес ги проследи презентираните капацитети на АП Криволак, при што ја оценија како одлична понудената можност за изведување на заедничка обука на овој специфичен армиски полигон кој овозможува услови за изведување на обука во речиси реални теренски какви се среќаваат при учеството во мировните мисии.
Во реонот на караулата „Богородица“ од страна на припадниците на Армијата на Република Македонија делегацијата се запозна со севкупната ситуација на јужната граница, при што се презентираа тактичките мерки и процедури кои ги спроведува АРМ, согласно доделените задачи за непрекинато обезбедување на државната граница и спречување на нелегални минувања.
Од страна на генералот Бечвар се скажа значењето од меѓусебната размена на искуства, научените лекции во примена на мерките и процедурите кои успешно се користат од АРМ во справувањето со мигранската криза, и значењето на таквата соработка за безбедноста не само за регионот туку и пошироко за Европа.
Дводневната официјалната посета од страна на армиската делегација на Чешките Вооружени Сили е особено значајна за Армијата на Република Македонија не само поради понатамошното интензивирање на меѓусебната армиска соработка, туку и од истакнатата поддршка за прием на АРМ во полноправно членство во НАТО воениот сојуз.