Во рамки на активноста за реализација на техничко гаѓање на цели во воздушен простор (ВоП) „Предизвик 2017“ на армискиот полигон (АП) „Криволак“, беше реализирана програма за Денот за високи гости на која присуствуваа: Амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, НЕ Д-р Милан Јазбец, командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Зоран Милески, командантот на логистичка бригада на Армијата на Република Словенија, бригаден генерал Милан Журман, началникот на штаб на ЗОК, бригаден генерал Азим Нуредин, командантот на првата механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на полкот за специјални операции, бригаден генерал Орце Јордев и други високи гости.
Командантот на бПВО, потполковник Трајче Денчевски и командантот на контингентот на вооружените сили на Република Словенија, полковник Винценц Арко во своето обраќање пред гостите истакнаа дека во 2017 година, во планот за билатерална соработка, беа испланирани две активности. Првата, беше реализирана во септември 2017 година во Република Словенија, кога седум припадници на баталјонот за ПВО од Армијата на Република Македонија беа обучени за употреба на ЛПРС ИГЛА. Втората активност е техничкото гаѓање со ЛПРС ИГЛА-С, која се реализира овие денови на армискиот полигон Криволак.
Генерално, техничките гаѓања се реализираат со цел, тестирање и утврдување на адекватноста на правилата и упатствата за употреба на борбените системи, како и за тестирање на перформансите на борбените системи и муницијата. Техничко гаѓање се изведува со борбени системи кои се воведуваат во употреба, борбени системи кои се на употреба, и со борбени системи кои се во развој. Значајно е да се истакне дека, техничките гаѓања се спроведуваат во што е можно по идеални услови, без временско ограничување и секогаш се оценуваат од страна на стручна комисија.
Билатералната соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и Армијата на Република Словенија, во делот на противвоздушната одбрана, започна пред десет години, а оваа година по седми пат се реализираше заедничка активност под веќе познатиот назив „Предизвик“. Пред гостите, учесниците на техничко гаѓање на цели во ВоП демонстрираа одлична увежбаност и знаење, при што со сите истрелани ракети ги погодија целите со одлична прецизност, за што на крајот високите гости им честитаа за успешно реализираното гаѓање.