Во рамките на вежбата „REGEX 19“ во Центарот за симулации во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, беше реализиран Ден за високи гости.
На свеченоста присуствуваа: министерката за одбрана и заменичка на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски, командантот на секцијата Ј-9 во НАТО-Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, Италија, бригаден генерал Реихард Клос, високи гости од земјите учесници на вежбата „REGEX 19“, воени аташеа акредитирани во Република Северна Македонија, претставници од комисијата за одбрана и безбедност на собранието на Република Северна Македонија, претставници од локалната самоуправа и други гости.
Министерката за Одбрана, Радмила Шекеринска во своето обраќање изјави дека покрај теренските вежби, Армијата со вежбата „REGEX 19“, која е прва од таков вид во нашата земја, покажа и поинаков капацитет, односно дека можеме да бидеме ефикасни и во однос на финансиските средства, но и дека имаме знаење да ги искористиме и техничките капацитети на Центарот за симулации за да вежбаме во симулирана, компјутерска средина. Во оваа прилика министерката го истакна и мултинационалниот карактер на вежбата, притоа заблагодарувајќи се на 22-те партнерски земји кои се вклучија во процесот на планирање на вежбата, како и на менторството од страна на пет земји – членки на Алијансата. На крајот Министерката изјави дека сите ние веруваме во капацитетите на Армијата, и дека сме убедени дека ќе одговориме на предизвикот кој го носи членството во Алијансата.
Командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски, во својот говор ја искажа импресијата од големата различност на земјите учеснички, како и од тоа што ова е редок пример во кој обучувачите и оние кои се обучуваат доаѓаат од различни страни на светот. Оваа вежба, нагласи генералот, е доказ за подготвеноста и интероперабилноста на Република Северна Македонија како идна триесетта членка на НАТО Алијансата.
Директорот на вежбата, полковник Звонко Мајсторски, во своето обраќање истакна дека вежбата „REGEX 19“ е вежба која ги спојува силата, капацитетите, искуството и технологијата на дваесет и две земји од целиот свет, учеснички во планирачкиот процес од кои петнаесет земји директно се вклучени во извршната фаза. Воедно тој наведе дека денешната вежба е резултат на долг и детален планирачки процес, кон кој придонесоа сите земји заедно.
Присутните, потоа се запознаа со целите на вежбата и целиот организациски процес од подготовката, планирањето и реализацијата на вежбата. Исто така, тие го посетија персоналот кој учествуваше на реализација на вежбата во Центарот за симулации.
СГ/СД/ЧС/БН