На армискиот полигон „Криволак“, во присуство на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД, Н.Е Кејт Мери Брнс, од страна на припадниците на Баталјонот за специјални сили и специјалните сили на Армијата на САД за Европа се прикажаа дел од завршните активности на вежбата „Trojan Footprint 21“.
Во досегашниот тек на вежбата, припадниците на Баталјонот за специјални сили и специјалните сили на Армијата на САД за Европа ја прикажаа интероперабилноста помеѓу сојузниците при изведување на специјални операции на копно со поддршка на воени воздухоплови. На денешната вежба имавме можност, за првпат да ги видиме можностите на авионот АС-130, од состав на военото воздухопловство на САД.
По завршување на вежбовните активности, генералот Ѓурчиновски и амбасадорката Брнс имаа можност да разговараат со дел од учесниците, при што беа искажани пофални зборови.
Вежбата „Trojan Footprint 21“ се изведува од 4 до 14 мај во Република Северна Македонија, Романија, Бугарија, Црна Гора и Грузија и во издвоени активности учествуваат десет НАТО и партнерски армии, има за цел да ги подобрува способностите на НАТО и партнерските нации за изведување на операции на специјалните сили во координација со конвенционалните сили, ја зголемува интероперабилноста, меѓусебните односи и довербата помеѓу сојузничките армии, а со тоа се зголемува и безбедноста во Европа.
Вежбата „Trojan Footprint 21“ е во склоп на големата вежба на НАТО под раководство на Армијата на САД за Европа – „Defender Europe 21“ чии активности се изведуваат во 16 земји на Европа, а во нејзин состав ќе биде и вежбата „Одлучен удар 21“, која ќе се изведува на армискиот полигон „Криволак“ од 17 мај до 2 јуни.