Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ), генерал потполковник Методија Величковски, во текот на денешниот ден ги прими офицерите на АРМ кои во текот на учебната 2015/2016 година дипломираа на Кралската Воена Академија на Вооружените сили на Обединетото Кралство – Сандхурст (РМАС).
На денешниот прием кај генералот Величковски присуствуваше и одбранбеното аташе на Обединетото Кралство, потполковник Ричард Пери.
Од страна на генералот Величковски се истакна значењето на школувањето на припадниците на АРМ на престижните воено образовни институции во земјите членки на НАТО, за интероперабилноста во сферата на воената едукација.
Воедно преку потполковник Пери се изрази благодарност до Началникот на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство, генерал Сер Николас Патрик Картер, за изразената поддршка во сферата на военото образование за време на првата официјална посета на НГШ на АРМ на во текот на месец април.
Претходно, во понеделникот НГШ на АРМ ги прими и останатите старешини на АРМ кои во текот на учебната 2015/2016 година дипломираа на престижни високи воено образовни институции во повеќе земји во странство со кои АРМ има воспоставено соработка во ова сфера на одбраната.
Во досегашниот период секоја година десетина припадници на АРМ континуирано се упатуваат и со успех ги завршуваат школувањата и последипломски студии во различни воени области на овие високи воени школи.
Стекнатото знаење и искуства на припадниците на АРМ на воените образовни институции во странство е особено значајно во инкорпорирање на истите во воената доктрина и планирање на обуката и едукацијата во АРМ, со што се овозможува побрза интеграција на АРМ во структурите на НАТО.