Во Генералштабот на Армијата, во организација на Амбасадата на Република Турција во Република Северна Македонија, се реализира пригодна церемонија за доделување на сертификати на припадници на армијата, кои во текот на тековната 2019 година завршиле јазичен курс по турски јазик.
Заменик на началникот на генералштабот на Армијата, генерал мајор Азим Нуредин во своето воведно обраќање искажа благодарност за континуираната поддршка од страна на Република Турција во воената едукација, како и до институт за турски јазик „Јунус Емре“ во поддршката за јазичните курсеви. Притоа го истакна бенефитот на изучување на турскиот јазик како услов за стекнување на знаења на нашите припадници во воено образовните институции во Република Турција, кое е од значење за понатамошната кариера на припадниците на армијата.
Амбасадорката на Република Турција во Република Северна Македонија г-ѓа Тулин Еркал Кара, во своето обраќање се осврна на досегашната пријателска воена соработка меѓу двете армии, меѓу кои е и военото образование и јазичните курсеви. Истакнувајќи го податокот дека припадници на нашата армија кои го завршиле военото образование во Република Турција се наоѓаат на високи раководни воени позиции во армијата, уште повеќе допринесува за продлабочување на меѓусебните односи.
Директорот на културниот центар и институт за турски јазик „Јунус Емре“, г-дин Серхат Кула кажа дека од 2013 година во нивниот центар турскиот јазик го изучиле 150 припадници на армијата, од кои 12 се во овој последен циклус.
На крајот на церемонијата на припадници на армијата со различни чинови им се врачија сертификатите за јазичниот курс, кои ќе имаат можност по завршените школувања во воено школските институции на вооружените сили на Република Турција да го трансферираат стекнатото знаење и искуства во матичните единици.
На денешната церемонија покрај генералот Нуредин и Амбасадорката Тулин Еркал Кара, директорот на институтот „Јунус Емре“ г-дин Серхат Кула, присуствуваа и одбранбеното аташе, полковник Бурхан Урек и други претставници од Амбасадата на Република Турција.
Во досегашниот период голем број на припадници на армијата со завршени јазични курсеви со успех ги завршуваат школувањата на воените академии, последипломски студии и курсеви во различни воени полиња на високи воени школи во Република Турција.