Утре, 12-ти септември (четврток) со почеток во 14.30 часот во касарната ,,Илинден“ во Скопје, ќе се одржи свеченост за доделување на одликувања од Вооружените сили на САД, на припадници од полкот за специјални операции (пСО) и баталјонот на Воена полиција (бВП) на АРМ по повод учеството во наменските сили ,,Феникс“ во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста за доделување на одликувања ќе присуствуваат: министерот за одбрана Талат Џафери, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, амбасадорот на САД во Република Македонија Н.Е. Пол Волерс, командантот на Националната гарда (НГ) на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј, и други гости од МО и АРМ.
Во името на САД одликувањата ќе ги врачи командантот на НГ на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј, кој на 79 припадници на пСО и бВП за покажаните високи резултати и успешното и професионално извршување на задачите за време на учеството во наменските сили ,,Феникс“ во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан, свечено ќе им додели 79 медали за пофалба на Армијата на САД и 79 медали за пофалба и исклучителни достигнувања на НГ на Вермонт.
Во мисијата „ФЕНИКС“ во Авганистан беа распоредени 79 припадници од пСО и бВП, кои задачите ги извршуваа заедно со припадниците на НГ на Вермонт и Армијата на САД. Оваа мисија е реализирана успешно во временски период од девет месеци (еднократна ротација) во 2010 година, а контингентот беше распореден во југоисточниот и северниот дел на Авганистан. Основни задачи на наменските сили „ФЕНИКС“ беа: обука и менторирање на Авганистанската национална армија и полиција, изведување на заеднички операции за поддршка на мирот и стабилноста на Авганистан, обезбедување на високи личности од воениот персонал на НАТО и ИСАФ, како и делување со коалициските сили на НАТО и САД за поддршка на Авганистанската национална армија и полиција во изградбата на демократијата во Авганистан.
Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери да го проследат и да известуваат за настанот. Заради запазување на процедурите за влез во касарната „Илинден“ пристигнувањето пред пријавницата на касарната, треба да биде најдоцна до 14.00 часот.