Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на генералштабот на Вооружените Сили на Република Полска денес оствари средба со својот домаќин, генерал потполковник Рејмунд Андржејчак.
На средбата помеѓу началниците на Генералштабови се разговараше за досегашната воена соработка, која досега воглавно се состоеше во учество на заеднички вежбовни активности во организација на НАТО, полските искуства од интегративните процеси, како и за можностите за унапредување на воената соработка.
Од страна на генералот Ѓурчиновски беше искажана благодарност за континуираната поддршка во досегашниот интегративен процес за нашето зачленување во Алијансата, со надеж дека истата ќе продолжи како партнери и сојузници со можност за интензивирање на соработката и помош во процесите за интеграција и подобрување на достигнатите НАТО стандарди особено во областа на специјалните операции.
Генералот Андржејчак ја запозна делегацијата со организациската структура и задачите на полската армија како и со процесите на трансформација на полските Вооружени Сили.
Генералите Ѓурчиновски и Андржејчак, како можни области за понатамошна соработка ги посочија заеднички настапи и обука со полските специјални сили, школување во воено образовните установи, продолжување на соработката во рамките на ЕУБГ, соработка на Воените Академии и можност за обука на припадници на полските вооружени сили на Армискиот полигон „Криволак“.
За време на престојот во Варшава генералот Ѓурчиновски во текот на денот ќе оствари средба и со државниот секретар во министерството за одбрана, а македонската воена делегација во текот на утрешниот ден ќе ја посети командата на полските специјални сили во Гливице.