Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, заедно со делегација од Вооружените сили (ВС) на Унгарија, предводена од началникот на Генералштабот на ВС на Унгарија, генерал Габор Беренди, денеска на армискиот полигон „Криволак“ ги посетија припадниците на македонските и унгарските специјални сили кои од 15 септември 2025 година ја изведуваат заедничката вежба „Cold Peak 25“.
Во рамките на посетата, пред присутните беше реализирана методско огледна вежба “Изведување на здружени специјални операции во урбана средина поддржана од беспилотни летала“, на која беше прикажана интероперабилноста помеѓу двете сојузнички специјални единици при изведување на комплексни сценарија.
Генералот Лафчиски, во оваа прилика, го искажа задоволството да се биде домаќин на началникот на Генералштабот на ВС на Унгарија, генералот Беренди, нагласувајќи ја одличната билатерална соработка помеѓу двете земји. При ова генералот Лафчиски наведе дека доказ за наведеното е вежбата „Operation Cold Peak 25“ која беше договорена за време на посетата на генералот Беренди на Армијата и нашата држава во јуни оваа година.
Навраќајќи се на вежбата „Operation Cold Peak 25“, генералот Лафчиски наведе дека со вакви вежби се зајакнува интероперабилноста и се извежбуваат тактиките, техниките и процедурите неопходни за изведување на идни операции.
Генералот Беренди, во своето обраќање пред присутните, истакна дека оваа вежба, која се изведува истовремено во две различни држави, ја потврдува подготвеноста на специјалните единици од двете армии да изведуваат заеднички комплексни операции во различни средини, независно од оддалеченоста.
Вежбата „Operation Cold Peak 25“, се изведува истовремено на армиски полигони на македонско и унгарско тло, и има за цел да ја подобри интероперабилност во планинското војување, воената алпинистика и јазење, употребата на дронови при изведување на специјални операции и блиска борба во урбана средина. Овој вид на теренска вежба, каде според претходно издадена и испланирана задача симултано се извршуваат специјални задачи на непознат терен во две држави, претставува најсложен облик на вежбовна активност.